Дали Шакира ќе заврши во затвор

Фото: Greg Allen/Invision/AP, File

Колумбиската поп-ѕвезда Шакира може да се најде на обвинителна клупа откако шпанскиот судија оцени дека гледа „доволно индикации“ за судењето на планетарно-популарната пејачка за затајување данок.

Државното обвинителство во Барселона ја обвинува 44-годишната пеачка дека не платила вкупно 14,5 милиони евра данок во Шпанија помеѓу 2012 и 2014 година.

Пејачката наведува дека не е виновна.

Ако не се постигне спогодба надвор од судот, Шакира може да заврши во затвор.

Позадината на спорот е прашањето каде била обврзана Шакира да плаќа данок во тој период. Државното обвинителство тврди дека пејачката живеела во Шпанија повеќе од 183 дена, секоја од трите спорни години, поради што смета дека требала да го плати данокот за вкупниот приход во Шпанија.

Шакира истакнува дека од 2012 до 2014 година, таа била даночен обврзник на Бахамите, а не на Шпанија, и дека само повремено патувала во Шпанија.

Шакира веќе десет години е во врска со фудбалерот на Барселона, Жерар Пике и имаат две деца. Пејачката тврди дека официјално живее во Шпанија од 2015 година.