Чешки мултимилионер возел со 417 km/h на автопат во Германија: Се пофалил и на YouTube

Германската полиција покрена истрага против чешкиот мултимилионер Радим Пасер, кој со своето „Бугати“ возел 417 километри на час по германскиот автопат и со тоа се фалел на Јутјуб, објавија локалните медиуми.

Иако на германските автопати нема ограничување на брзината, трките се забранети, како и таканаречената единечна трка.

Според германските закони и т.н. единечна трка е забранета доколку возачот „со неприлагодена брзина, грубо ги прекршува правилата и несовесно вози со цел да постигне најголема можна брзина“, соопшти полицијата во Магдебург.

На видеото, кое чешкиот градежен претприемач Радим Пасер го објави на својот канал на Јутјуб, се гледа движењето на спортскиот автомобил „Бугати Широн“ на германскиот автопат А2 од Берлин до Хановер и достигнува брзина до 417 километри на час.

Станува збор за „неодговорно и опасно возење“, иако нема никакви ограничувања.

- На возачот му е дозволено да се движи со брзината со која е возможно да се вози автомобилот - пишува во соопштението на полицијата.

Радим Пасер се збогатил на пазарот на недвижности и според чешкото издание на магазинот Форбс е „тежок“ околу 305 милиони долари.